Напаѓачот на Челзи, Оливие Жиру изјави дека сонува да триумфира со титулата во Премиер лигата пред да се повлече од фудбалот. Францускиот репрезентативец го освои ФА Купот, откако се приклучи на „сините“ од Арсенал, а во текот на летото стана и светски шампион со „петлите“ на Мундијалот во Русија.
Но, поранешниот фудбалер на Монпелие повеќе од сè ја посакува титулата во Англија, како и Лигата на Шампионите, споделувајќи дека дури им завидува малку на своите соиграчи во Челзи, кои веќе ја освоиле Премиер лигата.
– Да ја освојам Премиер лигата е мојот последен сон како професионален фудбалер, можеби и повеќе од тоа да триумфирам во Лигата на Шампионите, бидејќи знам колку е тешко да се освои лигата. Имам соиграчи кои веќе ја освоиле, па малку им завидувам. Не сакам да ја завршам кариерата, жалејќи дека не сум постигнал нешто, изјави францускиот репрезентативец за „Гардијан“.
Челзи утре гостува на Брајтон во средба од 17-тото коло во Премиер лигата.