Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по усвојувањето на законите со кои се формира Војската на Косово, изјави дека новата косовска воена формација ќе биде војска на мирот и во служба на сите кои живеат во Косово, без оглед на нивната етничка припадност.
– Ова е војска на мирот, затоа што носи мир. Ова е војска на косовските Албанци, на Србите, Турците, Бошњаците, Ромите, на Ашкалиите, Египќаните, Гораните, на сите кои жеват во Косово, изјави Харадинај.
Запрашан за коментар на информацијата дека српскиот претседател Александар Вучиќ во наредните три дена ќе престојува во близина на пограничната зона меѓу Србија и Косово, Харадинај рече дека во тоа не гледа некаква провокација и порача дека „и Војската на Србија се стекна со парнер во Војската на Косово“.
Тој изрази уверување дека двете војски во блиска иднина заедно ќе служат во една војска на Балканот.
Цитирајќи ја изјавата на американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис дека „нема подобар пријател од маринците, но нема и полош непријател од нив“, косовскиот премиер рече дека истото важи и за трансфоримираните Безбедносни сили на Косово (ФСК).
– Јас навистина мислам дека никој нема подобар пријател за мир од ФСК, но и непријателите на мирот мислам дека немаат полош непријател од ФСК, изјави Харадинај.
Тој нагласи и дека „Косовската војска никогаш нема да се искористи против Србите во Косово“, затоа што „тоа не е војска со таква доктрина“.
– Доаѓаме во мир и во мир ќе бидеме секогаш. Ова не е војска со доктрина да се сврти против сопствениот народ, против Србите во Косово. Како на југ, така и на север, луѓето во Косово се слободни, тие се во нивните домови, тие се дел од Косово. Косовската војска никогаш нема да се употреби против нив, изјави Харадинај.