Покрај разговорите од одземените телефони на пратениците Јохан Тарчуловски и Љубен Арнаудов на денешното рочиште за крвавиот четврток беше презентирана и снимка од нападот врз пратеникот Зијадин Села на 27 април, кој се случи во прес-центарот на Собранието.
На снимката се гледа како пратеникот Села е брутално нападнат од повеќе луѓе, а во кадарот цело време се гледаат и обвинетите Мунир Пепиќ и Вилијам Михајловски. Обвинетиот разузнавач Мунир Пепиќ пред судот истакна приговор на начинот на кој обвинителката Ивана Трајчева ја коментираше снимката велејќи дека во ниту еден момент не го удрил Села.
„Никаков физички контакт немав кон Зијадин Села, ниту, пак, некаква намера. На камерата може да се види дека сум метар и половина оддалечен од него. Не е точно дека сум го удрил, се колнам во своите чест и вера. Не можат да ме посочат дека го мавам, бев таму бидејќи снимав со телефонот да видам кој е“, рече Пепиќ.
Приговор на коментирањето на снимката од страна на обвинителката Трајчева имаше и обвинетиот Вилијам Михајловски, кој истакна дека не е возможно да го мавал Села бидејќи толпата околу пратеникот, кој во моментот бил на земја, го туркала лево-десно.
Виктор Јованов