Министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на работен појадок со резидентни амбасадори на земји членки на ЕУ, организиран од страна на амбасадорката на Република Австрија во Република Македонија, Ренате Коблер, во својство на земја претседавач со Совет на ЕУ.
На состанокот, Димитров првично се заблагодари за австриската поддршка и заложба за европските перспективи на земјите од Регионот за време на нивното претседавање. Понатаму тој подетално ги брифираше амбасадорите за последните случувања на домашен план, пред сè поврзани со процесот на уставни измени во контекст на Договорот од Преспа.
Димитров даде преглед на клучните реформски активности, Планот 18 и позначајните ангажмани на домашен план поврзани со обврските кои произлегуваат од јунските заклучоци на Советот на ЕУ. Притоа ја нагласи посветеноста и решеноста, и покрај деликатноста на процесите да се продолжи по зацртаниот пат на европска интеграција.
Меѓу другото на состанокот беа разменети мислења и за последните случувања во Регионот и беше изразена надеж дека следниот јуни ќе биде донесена формалната одлука за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ.