На денешното рочиште за 27 април, судската полиција им ги проверувала снимките на снимателите кои со одобрение од Врховниот суд, направиле инсерти пред почетокот на судењето, тврдат новинари и сниматели кои денеска биле присутни на судењето. Причина за овој невообичаен потег на полицијата е барањето на една од обвинителките за предметот, која не сакала да ја снимаат камерите во судницата. Овој настан се случува вторпат.
По ова, веднаш штом се симнале снимателите на пријавницата, припадници на судската полиција почнале да им ги проверуваат направените снимки за да утврдат дали на нив ја има обвинителката во кадар, велат новинарите и снимателите за „Макфакс“. Полицајците им избришале снимки на снимателите бидекќи на нив ја имало во кадар обвинителката.
Во одобренијата што медиумските екипи претходно ги обезбедија од Врховниот суд, никаде не е ограничено снимањето на странките во постапката. Обвинителката, исто како и обвинетите се странки во постапката пред судот.
Останува отворено прашањето врз основа на кои законски прописи и решенија постапила судската полиција и дали овој потег не значи спречување на медиумските екипи да си ја завршат професионално нивната работа. „Макфакс“ за овој потег го информира претседателот на судот, Иван Џолев. Кривичниот суд направи еден чекор понапред и дозволи снимање на изрекувањето на пресудата каде што се гледа целиот судечки совет.
Васко Маглешов