Планините биле една од главните атракции во 13 отсто од индивидуалните патувања на населението на Европската унија во 2016 година, покажува статистиката која ја објави Евростат, по повод денешниот Меѓународен ден на планините.
Истражувањето укажува дека државјаните на Словачка најмногу посетуваат планини (25 отсто од нивните патувања вклучуваат и посета на планина), потоа следуваат Романците со 24 отсто, а зад нив се Франција и Италија со 19 отсто.
Спротивно од нив, луѓето од Литванија најмалку посетуваат планини (во нивните патувања планините се вклучени во само еден отсто), по што следуваат Естонија, Хрватска, Летонија и Шведска со по два отсто, како и Данска и Велика Британија со по четири отсто.
Посетите на планини во 2016 година во просек траеле 6,4 ноќевања, што е подолго од просекот на сите останати патувања, каде бројот на ноќевања е во просек 5,3.
Жителите на Велика Британија оствариле најдолги патувања, кои во просек изнесувале 14 ноќевања, а по нив се жителите на Грција со 12 и Естонија со 10,8 ноќевања.