Британската премиерка Тереза Меј вечерва пристигна во седиштето на Европската унија во Брисел, каде ќе разговара со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, во обид да добие поддршка од Унијата со цел да издејствува усвојување на Договорот за Брегзит во британскиот Парламент.
ЕУ денеска потврди дека нема повторно да преговара за договорот за истапување на Велика Британија од европскиот блок на 29 март, но Унијата би можела да усогласи дополнителна политичка поддршка за британската премиерка.
Меј вчера во последен момент го одложи гласањето во британскиот Парламент за договорот за Брегзит, што беше предвидено за денеска, признавајќи дека со сигурност би бил одбиен. Портпарол на Меј денеска соопшти дека гласањето ќе се одржи пред 21 јануари идната година.
Брисел е третата станица на Меј во брзата дипломатска турнеја во рамки на која денеска ги посети Холандија и Германија.
Нејзиниот портпарол изјави дека во Германија имала „позитивен состанок“ со германската канцеларка Ангела Меркел.
Тој рече дека двете политичарки се договориле да останат во „близок контакт“ со цел да постигнат изгласување на договорот за излез на Велика Британија од ЕУ во британскиот Парламент.
– Меј нема намера да го прошири членот 50 од Лисабонскиот договор, кој им дава можност на земјите членки на Унијата да излезат од тој европски блок, рече портпаролот.
Меркел на средбата го повторила ставот дека нема да има можност повторно да се преговара за Брегзит и додала дека е оптимист во врска со постигнување решение.
Британската премиерка Тереза Меј денеска накусо беше оневозможена да излезе од автомобилот кога стигна на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, бидејќи се заглави вратата.
Како што јави Би-Би-Си, припадник на обезбедувањето на Меј се обидел да ја отвори вратата, но таа била блокирана. Сепак, по неколку обиди, тој успеа да ја отвори вратата.
Британската премиерка на овие средби се обидува да го спаси постигнатиот Договор за Брегзит, откако го одложи гласањето по него во Парламентот во Вестминстер.
Меј изјави дека и се потребни „дополнителни уверувања“ во врска со границата меѓу Ирска и британската покраина Северна Ирска, со цел да обезбеди поддршка од пратениците во Долниот дом на Парламентот.