Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, призна денеска дека дијалогот за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина минува низ „големи потешкотии“.
Една од причините за тоа, според неа, е одлуката на косовската Влада да воведе царини од сто отсто за производите од Србија и Босна и Херцеговина.
– Сѐ уште сум оптимист дека договор е можен, но во моментов има потешкотии кои се огромни, посебно фактот што Косово воведе стопроцентни царини за стоките од Србија и Босна и Херцеговина, што е спротивно на духот на соработката, изјави Могерини.
Могерини побара дијалогот да се одржува „барем во дух на почитување“, ако не и на „доверба“ и уште еднаш ја повика Приштина да ја отповика одлуката за царините.
Дијалогот за нормализација на односите не и припаѓа на ЕУ, туку на двете страни, а ЕУ го посредува, потсети Могерини.
– Ние нудиме посредништво, време, место, совети, но нивно е да ја дефинираат агендата, брзина и секако исходот, истакна шефицата на европската дипломатија.
Таа порача дека тој краен исход ќе мора да биде во согласност со меѓународното право и европските принципи. – Без разлика за какви промени тие сакаат да разговараат, тоа не треба да резултира со етнички чисти држави, изјави Могерини, коментирајќи ги опциите за размена на територии помеѓу Србија и Косово.
– Во секој случај ќе има мултиетничка држава и од една страна и од друга, порача Могерини.
Дека дијалог помеѓу Приштина и Белград моментно нема, потврди и хрватската министерка за надворешни работи, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, по средбата на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ.
– Темата Србија и Косово најмногу доминираше на состанокот и тука сите изразивме загриженост што во овој момент нема дијалог и сите изразивме желба да се создадат услови за да продолжи дијалогот, рече Пејчиновиќ-Буриќ.