Со свечено положување цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски пред Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска беа одбележани празникот Свети Климент Охридски и 25-годишнината од смртта на Блаже Конески.
Цвеќе положи владината делегација предводена од министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, Аксел Ахмедовски, како и делегации од Собранието на Република Македонија, од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Армијата на Република Македонија, Сојузот на борци од НОВ, дипломатските претставници и претставници на останатите институции, политички партии и здруженија на граѓани.
Во организација на Националната универзитетска библиотека – „Св. Климент Охридски“, пак, вчера беше одбележан патрониот празник 8 Декември, Свети Климент Охридски.
На одбележувањето присуствуваше владина делегација предводена од министерот задолжен за подобрување на инвестициска клима за домашните компании Зоран Шапуриќ, министерот задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил и националниот координатор за култура Роберт Алаѓозовски.
Свеченоста започна со положување цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски и продолжи со музичка точка и доделување на наградата „Библиотека на годината“.
Централниот дел од свеченоста беше уметнички перформанс наречен „Емоции“ посветен на македонскиот книжевник и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, Блаже Конески, по повод 25 годишнината од неговата смрт.