„Еко-свест“ ја повикa Владата да се префрли кон порационален систем за поддршка на енергијата од обновливи извори

Од:

„Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ оваа недела ја повика Владата да престане со субвенционирање на нови електрични централи од обновливи извори преку системот на исплаќање загарантирани повластени тарифи и да се насочи кон систем кој ќе ја поттикне конкуренцијата и ќе донесе пониски цени за крајните потрошувачи.

Повикот доаѓа откако Владата најави нова Уредба за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија што го продолжува системот на доделување повластени тарифи без тендерска постапка со аукција. Намерата да се продолжи со исплаќање загарантирани тарифи на новите електрични централи по системот прв дојден – прв услужен е во конфликт со ЕУ правилата кои предвидуваат движење кон поконкурентни и пазарно ориентирани програми за поддршка што вклучуваат тендерска постапка со аукција за сите освен најмалите електрични централи со цел да се намали цената на електричната енергија.

Македонија е обврзана да се усогласува со европското законодавство за конкуренција во рамки на Спогодбата на Енергетската заедница и Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ и добива поддршка од Европската банка за обнова и развој и УСАИД за да го промени системот за финансиска поддршка на обновливи извори на енергија.

Новата драфт Уредба воведува тендерска постапка со аукција за поголемите електрични централи на ветер и соларна енергија, но ги задржува повластените тарифи за хидроелектрични централи до 10 MW, ветерни централи до до 50 MW и централи на биомаса и биогас до 1 MW.

„Добро насочени повластени тарифи можат да бидат соодветни за првите неколку години развој на пазарот на обновлива енергија, но во Македонија послужија да направат експлозија од штетни хидроелектрични централи кои направија сериозна штета на реки како Тресонечка во НП Маврово и Брајчинска во НП Пелистер. Ова е особено неприфатливо ако се земе предвид малиот придонес кон производството на енергија од малите хидроелектрични централи и мора да престане“, изјави Давор Пехчевски од Еко-свест.

„Дополнително, употребата на повластени тарифи може да предизвика зголемени трошоци за потрошувачите и да предизвика реакција против финансиската поддршка на обновливата енергија. Енергетски ефикасна економија базирана на обновливи извори на енергија е императив за да се ограничат климатските промени и да се спречат здравствените и еколошките влијанија на традиционалните извори на енергија. Затоа не можеме да си дозволиме да го свртиме јавното мислење против нејзиниот развој“, додаде Невена Смилевска од Еко-свест.

„Технологиите што не се нови не треба финансиски да се поддржуваат. Соларната и ветерната енергија како технологии кои сѐ уште се развиваат и чија цена сѐ уште се намалува се единствени технологии кои што треба да се земат предвид за финансиска поддршка во наредниот период. Финансиската поддршка за енергетската ефикасност е исто така исклучително важна за да се намалат трошоците на домаќинствата и влијанието врз животната средина од производството на енергија“, продолжи таа.

Еко-свест исто така повикa за јавна расправа за новите подзаконски акти од Законот за енергетика заради нивното влијание врз заштитата на животната средина и врз трошоците на домаќинствата“ се вели во соопштението на „Еко-свест“.

Би можело да ве интересира

Посебен режим за камиони, засилени контроли во сообраќајот, вонредни инспекции кај потенцијалните загадувачи – мерки за намалување на загадувањето

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух

Кој е најголем добитник од рудниците: Државата, локалните жители или инвеститорите

Предраг Петровиќ

Еко-манипулација: Новите рудници ќе работат под еколошки стандарди и се ќе биде чисто, зелено и еколошки

Предраг Петровиќ

Врховен утврди начелен став дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина, непреземањето дејствија е повреда на правата на граѓаните

ИКС: Да зборуваме повеќе за животната средина во време на растечка еколошка криза