Бројот на години за кој сме собрани тука е најдобар аргумент дека делата се потрајни од луѓето, ние сме минливи, но вредностите кои ги оставаме зад себе се вистинските споменици на нашето постоење. Тоа ја прави оваа Национална установа дом на трајните вредности на уметноста на нашиот народ, порача премиерот Зоран Заев на одбележувањето 70 години од постоењето на Националната галерија на Македонија во Даут пашиниот амам, каде се одржа јубилејната манифестација и изложба „Почетоци за паметење“.
На изложбата се претставени 150 листови оригинална архивска документација од 1948 до 1956 година кои сведочат за успешната приказна поврзана со формирањето на галеријата, галериската збирка и начинот на раководење.
„Ова претставува потсетување и оддавање почит за огромниот вложен напор, не само од страна на тимот кој ја водел Уметничката галерија, туку и од страна на државните институции кои несебично и со голема одговорност дале поддршка и придонеле Националната галерија денес да прерасне во храм на уметноста и двигател на културниот живот во Македонија“ истакна Заев.
Тој посочи дека Националната Галерија на Македонија, за нас претставува многу битна алка во развојот на меѓуетничкиот и мултикултурниот дијалог помеѓу разни групи и култури во нашата Република Македонија.
„Промовира посебно разбирање а со тоа и поголема вредност на нашето колективно културно наследство будејќи дополнително љубопитство еден за друг, за рефлексијата на нашето заедничко општество. Дополнително, оваа и ваквите национални установи, служат и помагаат на идните генерации да се поврзат со историјата и делата на тие кои живееле пред нас“ дополни премиерот.
Според него Националната галерија нa Македонија, и денес, како и пред 70 години, кога е основана, е истовремено неопходна и релевантна институција.