Јапонија и Сингапур веќе немаат најмоќен пасош на светот. Според интернет страницата The Passport Index, на врвот на листата се наоѓа пасошот на Обединетите Арапски Емирати.
Со овој пасош може да се влезе без никакви проблеми во дури 167 земји, односно има пристап во 84 отсто од светот.
The Passport Index ги зема предвид пасошите од 193 земји и шест региони кои се членки на ОН. Први на листата се патните исправи од земјите со кои може да се влезе во други држави без виза и посебни барања.
ОАЕ го достигнаа врвот во рекорден рок. Првпат се забележани на листата во декември 2016 година (на 27 место) и за две години се искачија на прво место.
Во топ 10 земји се наоѓаат Сингапур, Германија, Данска, Шведска, Финска, Луксембург, Франција, Италија, како и Холандија, со чии пасоши може да се патува во 165, односно 166 земји.
Македонскиот пасош се наоѓа на 36. место на листата и со него може да се влезе во 118 земји.