Тргнал по опрема за риболов, завршил во Собрание, сведочење на обвинет за 27 април

Од:

На 27 април ми заѕвони телефонот, бев повикан од осудениот Марјан Стоев кој ме праша дали ќе одам на протестите. Му реков дека немам да одам бидејќи немам намера да бројам чекори од Влада до Собрание, бидејќи имам друга работа сведочи обвинетиот за настаните од 27 април минатата година, Влатко Трајковски.

– Во 15:15 излегов од работа отидов дома. Татко ми ми кажа дека ме барале луѓе. Во 16:25 и реков на мојата сопруга дека ќе одам до дуќанот за риболовна опрема да го прашам Ивица дали ќе оди на саем за риболов и плус да земам некоја риболовна опрема. Оттаму отидов до друга продавница за риболовна опрема, продавницата „Трофеј“ на Рампа. Тогаш ми текна дај бар штом сум дошол до тука, да отидам да видам што се случува во Собрание, вели Трајковски.

Откако пристигнал пред Собранието обвинетиот забележал како се собираат граѓани.

– По неколку минути дојде мојот другар Марјан му кажав дека не ми било во план да дојдам на протестот. Со него отидовме кај кафичите на кеј, стигнавме до кафулето „Дион“. Во еден момент пред кафулето се виде немир од граѓаните кои беа таму. Тогаш слушнавме само „се пее“, по што мојот пријател влезе со „Дион“ и ми кажа дека во Собрание се пеела албанската химна, вели Трајковски.

Тој додаде дека тогаш му текнало на луѓето кои претходната вечер што му кажале дека за 27-ми се спрема и упад во Собранието по што сфатил дека почнува сценариото.

– Еден човек помина покрај мене го запрашав што се случува ми рече „кучиња, во Собрание се пее албанската химна ти овде млад стоиш со здрвени раце“. Се собраа луѓе во трговскиот центар и се упативме кон Собранието. Не ги познавав луѓето, беа гневни, со фантомки. Кога стигнавме народот веќе ја имаше бутнато заштитната ограда и луѓето стоеја пред Собрание, сведочи Трајковски.

Обвинетиот пред Собраието ги видел неговата мајка, татко, сестра, зет, и со цел да не го забележат застанал на страна од кај влезот на АРМ.

– Тогаш до мене дојде мојот пријател Марјан ми подаде фантомка и ми рече да ја ставам. Пред да влезам знаејќи дека е кривично дело со фантомка да упаднам, ја извадив и ја ставив во мојот лев џеб. По христијански, влегов со десна нога и се прекрстив. Отидов до салата „Македонија“ каде ги сретнав Христијан Мицкоски, Владо Змејковски и уште неколку стари членови на ВМРО-ДПМНЕ, сведочи Трајковски.

– Се упатив кон задниот дел од салата, напред немаше воздух. Таму седеше пратеникот Сашо Василевски, а од другата страна ја видов Ганка Самоилова како се гушка со некој. Таму имаше и полицаец кој сакајќи или несакајќи ми кажа дека горе е Зоран Заев. Тргнав кон големиот хол, таму стоеја полицајци од ЕБР, едниот го знаев ми побара вода, му дадов, а за возврат го прашав каде е канцеларијата на Трајко Вељаноски, тој ми кажа, вели обвинетиот.

Трајковски потоа отишол до канцеларијата на Вељаноски каде инсистирал да влезе и да виде каде му одат парите.

– Се доби впечаток дека сум пијан, не знам како јас само пиво пијам, а пиво не е алкохол. Потоа заедно со другите луѓе отидов до прес центарот. Таму стоеја пратеници од СДСМ, ме молеа да ги извадам оттаму. Јас го направив тоа, ги извлеков до скалите кај лифтот, рече Трајковски.

Обвинетиот повторно се вратил во прес центарот каде наишол на пратеникот Сашко Костов, кој како што вели Трајковски, почнал да го навредува при што го нарекол хулиган.

– Во обвинението стои дека со ПП апарат сум го удрил пратеникот Сашко Костов, а такво нешто се нема случено. Јас само прскав и го бркав пратеникот бидејќи претходно ме нарече хулиган. Сашко Костов намерно пред новинарите падна како да му се слошило за веднаш потоа да стане и да си влезе во соседната врата. Потоа пак се вратив во прес центарот да видам ако можам нешто да спасам. Летаа столици, маси, луѓето викаа „убиј ги предавниците“. Тогаш се упатив право кон пратениците. Го воочив пратеникот Зијадин Села, Петре Шилегов, обезбедувањето на Заев со распукана глава, до него господинот Заев крвав. Сфатив дека на овие луѓе им е потребна помош, сведочи Трајковски.

Како што вели тој, во еден момент стол удрил во ѕидот каде што стоел, по што му била дупната главата.

– Ползејќи излегов од прес центарот. Кога почнаа шок бомбите јас веќе бев во „Жена парк“ од каде се упатив во градска болница да ми ја сошијат главата, рече Трајковски.

Обвинетиот во текот на своето 3-часовно сведочење цело време тврдеше дека нема сторено никакво кривични дело и дека обвиненијата не се поткрепени со докази.

Трајковски во сведочењето напомена и дека претходната вечер одредени лица го повикале во локалната кафана во Драчево да му соопштат нешто важно.

– По протестот на 26 април минатата година кога стигнав дома бев известен дека ме бараат луѓе во една кафеана во Драчево. Ми кажаа дека тоа што ќе ми биде кажано не смее да се слушне по телефон, мора очи во очи. Отидов до кафеаната, тројца од луѓето не познавав, а двајца знаев. Ми рекоа „утре може ќе се влегува во Собрание, а јас прашав „која е мојата задача, кого ќе утепуваме внатре“. Ми кажаа дека јас нема да утепувам никого, туку дека мојата задача е да пазам на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Трајко Вељаноски за работата да не отиде во не сакан правец, но и треба да се предизвика што поголем хаос, да се исплашат пратениците што ќе бидат затечени. Јас побарав да ми кажат кои луѓе се со нас, да не се испотепаме меѓу себе, но не ми кажаа. Рекоа дека ќе има луѓе кои ќе ги отстрануваат камерите за да нема видео записи. Ни кажаа „не се секирајте од ДБК ќе има луѓе што ќе ве штитат, ништо нема да ви се случи“, рече обвинетиот Трајковски.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште