По повод уште едно одбележување на меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3-ти Декември, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги нагласува позитивните, но и негативните случувања поврзани со состојбата на лицата со попреченост во изминатава година.
Процесот на деинституционализација во 2018-та го имаше својот најголем развој почнувајќи од инклузивното изготвување, но и усвојувањето на новата Национална стратегија за деинституционализација 2018–2027 „Тимјаник” и нејзиниот Акциски план, со кои институционалното живеење конечно ќе започне да доживува трансформација кон социјални сервиси во локалната заедница. Со ова започна постепеното напуштање на институционалното живеење и префрлување на дел од штитениците во мали групни домови и згрижувачки семејства. Хелсиншкиот комитет го поддржуваше и ќе го поддржува овој процес и во иднина, како најдобар и најхуман модел.
Во поглед на пристапноста, иако беа преземени чекори кон зголемување на пристапноста во градот Скопје, за жал лицата со попреченост не доживеаја големи промени во останатите делови од државата. Ниската свест и незалагањето за овој основен проблем е евидентна во сите општини низ Македонија. Со непреземање на конкретни мерки за овозможување пристапност, општините го попречуваат секојдневното движење и живеење на оваа група луѓе. Непристапни остануваат дел од државните институции, училиштата, банките, културните објекти, улиците.
Лицата со попреченост остануваат да живеат во општество исполнето со бариери на чие отстранување мора поактивно да се работи. Упатуваме апел за поголема заложба кон преземање на конкретни мерки со кои ќе се зголеми и подобри интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.