Билатералните односи, економската соработка, руските инвестиции во Грција и можностите за зголемување на грчкиот извоз во Русија, регионалната улога на Грција како столб на стабилност и безбедност во регионот со акцентот ставен на Источниот Медитеран и Балканот, кипарското прашање, односите ЕУ- Русија се очекува да бидат темите за кои ќе разговара грчкиот премиер со рускиот државен врв за време на неговата посета на Русија.
Алексис Ципрас следниот петок, на 7 декември, ќе оствари официјална посета на Москва и ќе има средби со претседателот и премиерот на Русија, Владимир Путин и Димитриј Медведев.
Во грчката делегација ќе бидат и алтернативниот министер за надворешни работи на Грција и генералниот секретар за меѓународни економски однос во грчкото Министерство за надворешни работи.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос во Москва ќе пристигне два дена порано, на 5 декември како шеф на делегацијата што ќе учествува на мешаната министерска комисија Грција- Русија.
Во текот на летото имаше заладување во грчко –руските односи откако Атина, во јули протера двајца руски дипломати, а за двајца забрани влез во Грција. Еден месец подоцна, Москва одговори со „контра-мерки“ и забрана за влез во Русија за директорот на политичката канцеларија на тогашниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас и протерување на двајца грчки дипломати.