По исказот на сведокот Светлана Наумовска во кое имаше само пофални зборови за обвинетата Елена Доцевска Божиновска и во кое кажа дека обвинетата не и укажувала на толпата во која насока да се движи, обвинителката Вилма Русковска со повишен тон ја запраша Наумовска како може да знае дали обвинетата ги насочувала граѓаните во Собранието кога таа била во канцеларијата додека обвинетата се наоѓала надвор низ ходниците.
– Како тврдите дека Елена не ја повикувала масата, а самата кажавте дека сте биле во секретарската канцеларија а таа била надвор, запраша Русковска со висок тон.
Судијката Добрила Кацарска реагираше на повишениот тон на Русковска и атмосферата која се создаде во судницата.
-Вилма, немој да ми правиш тензија во судницата, те молам, ако обвинетите културно се однесуваат вие треба да бидете три пати повеќе од тоа. Треба да ја утврдиме фактичката состојба, не знам што ви е денеска, рече судијката Кацарска.
По кратката расправа во судницата, сведокот Наумовска се расплака по што изјави дека обвинетата Елена за неа е жена за пример.
-Не знам како вие ја гледате, но Елена за мене е ѕвер, жена над жените, мајка над мајките, тоа може да го потврди секој кој ја знае или испил барем едно кафе со неа, рече низ солзи Наумовска.
Судијката Кацарска даде пауза од час ипол по што судењето ќе продолжи со искази на другите сведоци вработени во Собранието.
Виктор Јованов