Вработување на нови 50 луѓе во Владата за да ви ставаат лајкови на вашите постови е единствената инвестиција што сте ја направиле од Фејсбук, му порача на премиерот Заев, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на денешната седница за пратенички прашања. Алудирајќи на најавената странска инвестиција од Фејсбук и Гугл во Македонија тој праша до каде е инвестицијата која лани ја најави премиерот.
Заев одговори дека тие компании се посакувана инвестиција за секого како и стотици други компании кои размислуваат, но дека членството во НАТО има влијание врз целиот процес.
– Негувам надеж ако Македонија ги заокружи политичките процеси и тоа се потврди со уставните амандмани и стане извесно членството во ЕУ, сите заедно ќе помогнеме бордот на директори да донесат одлука за инвестиција, рече Заев.
Милошоски, пак обвини дека уставните измени и членството во ЕУ и НАТО се користи како оправдување за да се покрие, како што рече, неспособноста на Владата да донесе странски инвестиции.
Галена Николовска-Ризвановиќ