Во Софија трет состанок на бугарско-македонската комисија

Од:

Бугарско-македонската комисија за историски и образовани прашања формирана согласно Договорот за доброседство, денеска и утре во Софија треба да го одржи третиот состанок.

Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја и шеф на македонскиот тим во заедничката комисија за историски и образовани прашања потврди дека по двата одржани состанока е утврдена методологијата и принципите на работа, а разменети се и забелешките на двете страни во однос на бугарските учебници од 5. 6. клас и за македонските од 6. и 7. одделение.

– Започнавме со анализа на учебниците и тука веќе имавме сериозни дискусии на високо академско ниво. Беа определени главните забелешки кои ги имаме ние во бугарските учебници, и бугарската страна во нашите учебници. И тие забелешки, на 12 ноември, беа разменети. Сега овие забелешки се во фаза на обработка, да видиме што и пречи во нашите учебници на бугарската страна, а што нам во бугарските учебници. На следната средба во Софија овие забелешки уште еднаш ќе бидат дискутирании и ќе се направат обиди за нивно надминување, се разбира со аргументи. Евентуалните заеднички прифатливи решенија потоа како препорака ќе бидат доставени до владите на двете држави кои понатаму би ги процесирале во понатамошна фаза за нивно вклучување во наставните програми, вели директорот на ИНИ.

Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева претходно изјави дека забелешките на бугарската страна се доставени на 30 страници и дека иако бугарските претставници во комисијата констатирале сериозни забелешки, атмосферата во комисијата била конструктивна.

Запрашан за какви забелешки станува збор, Ѓоргиев посочува дека бугарската страна забележува дека генерално тонот во македонските учебници е непријателски настроен кон Бугарија, а се наведува и забелешката за Самуиловото царство, кое, вели, во нивната историографија е претставувано како бугарско, а кај нас или како Самуилово или како македонско царство.

Една од главните забелешки на македонската страна, пак, генерално е дека територијата на денешна Република Македонија се третира како неослободена бугарска територија, и тоа од средниот век па до 20. век. Има и други забелешки, додава Ѓоргиев, кои се поконкретни и кои се поткрепени со примери од учебниците, меѓутоа тие ќе бидат тема на разговор, и доколку за нив се дојде до решение, тоа ќе биде образложено и презентирано пред јавноста.

– Ние хронолошки ги анализираме само учебниците по историја, а не расправаме за академската историографија. Целта на овие комисии е да ги подобрат содржините, наставните програми по предметот историја и во Македонија и во Бугарија со цел идните генерации кои ќе учат историја да немаат чувство на непријателство кон својот прв сосед, вели Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја и шеф на македонскиот тим во Бугарско-македонската комисија за историски и образовани прашања.

Според договорот, состаноците на бугарско-македонската комисија треба да се одржуваат на ротациски принцип, еднаш во Бугарија, еднаш во Македонија, а предвидена е и обврска секоја година комисијата до владите на двете земји да доставува извештај за сработеното.

Би можело да ве интересира

Пратениците во новиот бугарски парламент не се договорија за претседател

Борисов: Победата на ГЕРБ-СДС е дефинитивна, се обврзавме да формираме влада

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Сиљановска Давкова: Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот

Горан Наумовски