Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, присуствуваше на промоцијата на нов регионален проект, во кој покрај Македонија, учествуваат и Албанија и Косово, а чија цел е преку поврзување на средните стручни училишта со компаниите да се унапреди квалитетот на практичната обука за учениците и да им се овозможи да ги стекнуваат конкретните вештини кои всушност ги бараат работодавците, соопшти Министерството за образование и наука.
Во обраќањето пред присутните министерот Адеми потенцираше дека дава силна поддршка за имплементација на проектот поради две причини.
„Прво, целта на проектот е целосно комплементарна со владините стратешки приоритети за развој на севкупниот национален образовен систем со особен фокус на средното стручно образование и обука. И второ, поради тоа што верувам во успешноста на проектот, кој освен подигнување на сплотеноста и заложбите на домашните образовни институции, училиштата и бизнис-заедницата, создава можност Македонија да ги слушне и преземе позитивните искуства на Албанија и Косово, но и на Австрија, која е финансиер на проектот и пример кој нашата земја го следи во делот на воведување концепт на дуално средно стручно образование“, рече Адеми.
Тој најави дека во иднина следуваат уште повеќе и покрупни активности, а проектите како „Училиштата се среќаваат со компаниите“ се одлично надополнување на политиките во тој дел, додавајќи дека капацитетите на Министерството за образование и наука се целосно на располагање за имплементација и на овој проект.