Обвинетиот Кирил Божиновски пред тројцата судии на Апелацискиот суд рече дека одговорно тврди дека немал намера да бега, туку да се грижи за неговото семејство и за сопругата која е со нарушено здравје.
„Одговорно тврдам дека немам ниедна банкарска сметка во странство, туку само една сметка во Македонија“, рече Божиновски. Тој кажа дека го осудил бегството на Груевски и дека немал средба со претседателот Ѓорѓе Иванов.
Адвокатката на Божиновски, Сања Алексиќ, рече дека решението за притвор за Кирил Божиновски е исто како и решението за Миле Јанакиески. Таа рече дека сопругата на Кирил е со нарушена здравствена состојба и дека обвинетиот има две деца за кои Божиновски треба да се грижи. Адвокатот Еленко Миланов рече дека станува збор за copy/paste решенија каде само се променети податоците со обвинетиот Миле Јанакиески. Тој рече дека редовно неговиот клиент се јавувал во судот. „Божиновски не беше ниту во кафеана, ниту со родителите, туку беше дома со своите деца. Ова ли е постапување на лице кое сака да бега?“, рече адвокатот Миланов.
Обвинителката Лиле Стефанова рече дека останува на ставот дека притворот за обвинетиот Кирил Божиновски е оправдан и дека решението на кривичниот совет е законско.
Обвинетиот Божиновски е осомничен и во истрагата за „Талир“, освен за обвинението за „Титаник“.
Васко Маглешов