Во Апелациониот суд во Скопје се одржа јавна седница за продолжувањето на притворот на обвинетиот Јане Ченто за настаните од 27 април. На седницата не дојде обвинител од Вишото јавно обвинителство да објасни на кои околности се согласил со продолжување на притворот за обвинетиот Јане Ченто.
Обвинетиот Ченто пред тројцата судии Јани Нича, Цветанка Периќ и Сафет Кадрии рече дека го држат во притвор со copy/paste решенија и дека постојано го препишуваат само аргументот дека притвор се бара поради сериозноста на кривичното дело.
„Вратете ме во Шутка со браќата. Чест е да се биде во затвор во вакво време“, рече Ченто и додаде дека во Македонија има селективна правда.
„Со факти и докази не’држите 11 месеци во притвор. Моите браќа се во Шутка. Неправедно ги држите во притвор“, кажа правнукот на Ченто во судницата.
Обвинетиот рече дека му дале ископирано решение од други обвинети и дека судот не води сметка за фактите и доказите.
Ченто почна и дијалог со судиите кои го опоменаа да не говори за одбиената гаранција да се брани од слобода и да говори само за жалбата за притворот. Во судницата беа роднини на Ченто и неговата мајка која во солзи го слушаше нејзиниот син.
Ченто е еден од 33 обвинети за настаните од крвавиот четврток за загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Васко Маглешов