Во пораките пронајдени од вештачењето на мобилниот телефон на поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, пронајдена е Вибер комуникација во која тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на 26 април 2017, ден пред „крвавиот четврток“ му препраќа порака на Вељаноски која му ја пратил тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, во која го известува дека добил информација од лојален колега Албанец, дека се подготвува изгласување на претседател на Собранието.
„Од Чавков: Добро утро директор, да ве известам во моментов добив инфо од лојален колега Албанец дека денес околу 13 30 се планира нешто од другава страна да се направи во Собрание, дали инцидент дали со сила изгласување претседател или нешто слично. Немам поконкретни информации ако имам ќе ве бара“, му пишува Груевски на Вељаноски пренесувајќи му ја пораката од Чавков.
За случајот „27 април“ обвинети се 32 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
Виктор Јованов