Третиот нацрт-амандман, што се однесува на членот три од Уставот на Република Македонија е на дневен ред на денешното продолжение на седницата на собраниската Комисија за уставни прашања.
Со нацрт-амандманот практично се предлага додавање нов став со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
Шефот на македонската дипломатија вчера на седницата само кусо го појасни третиот нацрт-амандман, а денеска пратениците ќе ја отпочнат расправата по него.
-Врз основа на Договорот се утврдува меѓусебната постоечка граница меѓу Репбулика Македонија Република Грција како неповредлива меѓународна граница, при што се презема реципрочна обврска ниту една од двете држави да нема некакви претензии кон кој било дел од територијата на соседната држава, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебно постоечка граница. Двете држави, исто така се обврзаа дека нема да поддржуваат претензии од трети страни во однос на неповредливоста на нивната заедничка граница, рече Димитров.
Република Македонија и Република Грција се обврзаа, додаде тој, да го почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседот и да не поддржуваат какви било активности на трети страни насочени кон суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата држава.
Исто така, нагласи Димитров двете држави презедоа обврска во согласност со целите и начелата на Повелбата на Обединетите нации да се воздржуваат од закани или употреба на сила, со намера да се наруши нивната меѓусебно постоечка граница.
Министерот појасни во членот 3 од Уставот е регулирано дека територијата на РМ е неделива и неотуѓива, постојната граница на РМ е неповредлива, РМ нема територијални претенизи кон соседните држави, а границата на РМ може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност согласно општо прифатените меѓународни норми.
Со девет гласа „за“ и седум „против“ вчера попладне помина вториот нацрт-амандман, со кој во Преамбулата на највисокиот правен акт одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор. Првиот нацрт-амандман во матичната комисија помина завчера, а со него се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект.
Во четвриот нацрт-амандман , покрај потврдување на македонскиот идентитет, стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
Ова е втора фаза од процесот за промена на Уставот согласно Договорот од Преспа и треба да заврши со гласање на Парламентот за што е потребен 61 глас. Нацрт-амандманите на Уставот на почетокот на месецот пристигнаа во Собранието, а пленарната седница на која ќе бидат разгледани претседателот на Собранието, Талат Џафери ја закажа за 1 декември.
Третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.
Собранието на 19 октомври со 80 гласа „за“ донесе одлука за пристапување кон уставни измени, согласно Договорот од Преспа. Осуммина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа „за“ уставни измени.