Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ги презентираше моделите за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем пред собраниската комисија за одбрана и безбедност.
„Реформата на УБК не треба и не смее да се сведе само на нови законски решенија. Мора да постои долгорочна стратегија за тоа како да се реформира, но и како во иднина да се развива Управата. Изминатиов период работевме на враќање на угледот на професионална и релевантна служба, углед кој беше сериозно нарушен. Но, активностите не се доволни. Нужно се потребни структурни промени, воспоставување нови, современи методи на работа на оваа служба. Ова е мотивирано од две причини. Првата е заштита на националните интереси на државата, што впрочем е и најважната улога на оваа служба. Втората е издигнување на службата на нивно на релевантен партнер во рамките во глобалната мрежа на безбедносно-разузнавачките служби“, рече Спасовски.
Владата формираше меѓуресорска работна група, која има задача да понуди најсоодветен модел за реформа пред сè на Управата за безбедност и контраразузнавање, но и осврт на потребата од реформи во Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, како и другите институции од оваа област.
„Како дел од активностите, одржавме неколку консултативни средби. Имавме средба со pретседателот на државата, со истакнати експерти од областа и професори на Факултетот за безбедност и со преtставници на граѓанските организации кои се фокусирани на заштита на човековите права и работењето на овие служби. Заклучокот од сите средби е дека реформата е неопходна и таа не смее да биде спроведена само проформа, туку напротив треба да биде сеопфатна и долгорочна. Токму затоа и не ветуваме дека реформата ќе ја завршиме одеднаш, за три месеци во целиот безбедонсно-разузнавачки сектор. Но, ќе поставиме добри основи и добар реформски план за постепено и добро планирано реформирање. Како министер и човек кој долги години е дел од општествено-политичките процеси во нашата земја, ќе ги споделам со вас моите очекувања од оваа реформа: Да се создаде ефикасен систем за заштита на националната безбедност, кој нема да биде злоупотребен за партиско-политички цели. Фунцкионирање на службите согласно so меѓународните стандарди и правила, притоа штитејќи ги и гарантирајќи ги државните интереси, а тоа пред сè значи дејствување на службите ослободени од политички влијанија. Воведување на современи методи на работење, преку кое ќе се зголеми нивната превентивна улога во справувањето со современите безбедносни закани“, рече Спасовски.