Денес, со почеток во 20 часот, во Македонска опера и балет ќе се одржи современиот балетски перформанс Метаморфоза – кореографија на Ивана Коцевска. Овој современ балет го проблематизира телото како субјект на состојби и сензации, како збир на афекти. Делото се бави со соматското истражување низ техниките и анти-техниките на телесното, на вертикалното и хоризонталното, симетричното и асиметричното.
Работи со позиции и антипозиции, а е јукстапозиција на кохерентното, иако се бави со симетрија и асиметрија во кореографијата, но и во изведбата. Кореографското интервенирање во просторот не е преку техниката и формите, туку преку нивно генерирање целта е да се исцртуваат различни позиции на телата кои се менуваат во него.
Менувањето во движењето, менувањето на телесното, односно неговото реформирање низ изведбеното, нуди интервенирање во она што е балет, односно нуди нови прегледи на балетското тело како ново, променето и де-вертикализирано.