Ексдиректорот на охридските гробишта Зоран Симоноски реагира на пријавата која ја поднесе полицијата против него. Тој тврди дека СДСМ во отсуство на реални проекти и дебаклот кој го доживеа во своjата прва година од мандатот сега се потпира на полициските структури.
„СДСМ води нарачана и пресметана хајка врз поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ поднесувајќи неиздржани кривични пријави кои имаат политичка цел. Се работи за политичка нарачка, базирана на погрешни претпоставки и лажни конструкции, а целта е рушење на угледот на личноста на поранешните директори од страна на ВМРО-ДПМНЕ”, вели тој во реакцијата која што ја пренесуваме интегрално:
„Лично за менe, Зоран Симоноски, поранешен директор на ЈП „Градски гробишта“ по вторпат лажно и неаргументирано се поднесуваат кривични пријави со цел рушење на мојот углед и личноста. СВР Охрид пред некој ден поднесе кривична пријава во која се вели по два основа дека сум го оштетил буџетот на ЈП, односно на добавувач по јавна набавка му се префрлени парични средства повеќе од договорената сума. А по вториот основ исто така бил оштетен буџетот по основ незаконски доделен договор за вработување.
Овие обвинувања категорично ги отфрлам како невистинити, лажни и политички конструирани.
Имено, во време на мојот мандат спроведени се две јавни набаки за делови на патнички возила и тоа прериод 2015-2016 и вториот договор 2016-2017. Ако конструкторите и нарачателите на овие пријави добро ги погледнеле договорите и аналитичките картички по системот во ЈП и во фирмата-добавувач ќе констатирале дека со првиот договор за набавка:
– Договорената сума изнесува 390 000 денари без ДДВ, а се реализирани (искористени) 347 000 денари без ДДВ;
– А по вториот договор договорената сума изнесува 214 000 денари без ДДД, а реализирани (искористени) 121 000 без ДДВ.
Како што може да се види од изводите, аналитичките картици и фактурите нема надминување на договорената сума.
Лага е дека сум унапредил вработен со повисоко решение оштетувајќи го буџетот за околу 39 000 денари и не е точно. Работникот беше „возач на возило“ и по договор за вработување со арх. бр. 04-464/2 од 25.10.2011 година дадено од Директор, кадар на СДСМ, а во 2016 година по сила на новиот Закон за јавна администрација дадено му е исто решение „возач на возило“ согласно Каталогот за работни места и систематизација при МИОА. Со тоа што со новиот Закон за ова работно место се бараше еден степен повисоко образование, а со тоа овозможено му е на вработениот да го дозаврши бараниот степен на образование во рок од 7 години до 1.3.2022 година согласно Законот за јавна администрација и измените на овој Закон од 2014 година, службен весник 199/14, член 29, став 1, којшто правен акт е напишан и потврден во новото решение за работа во точка 3.
Додека СДСМ го распродава името на државата и го менува Уставот, граѓаните треба да ги коментираат политички креираните обвиненија против ВМРО-ДПМНЕ. Јасна е намерата, дека тоа е без докази, без основна аргументација надвор од сите правни норми и стандарди.
СДСМ врши селективна правда и злоупотреба на полициските структури како алатка за казни, уцени и притисок.СВР не смее да биде продолжена рака на СДСМ. Против подносителите на овие пријави ќе бидат поднесени од моја страна соодветни пријави за лажно пријавување имајќи ја предвид презентираната документација од која јасно произлегува дека во овој случај од моја страна не се преземени дејствија во кои се содржани елементи за делото кое ми се става на товар“, се вели во реакцијата на Симоноски.