Со средствата од прогресивното оданочување ќе се финансира мерката минимален загарантиран приход со која практично на примателите на социјална помош им се зголемува социјалната помош за 300%, информираше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Таа ја презентираше во целост социјалната реформа, а зборуваше и за сет на мерки со кои се решаваат дел од наталожените проблеми и се обезбедува стабилен и праведен пензиски систем. „Со оваа мерка директно влијаеме за намалување на сиромаштијата кај најранливите категории, но исто така создаваме и група на граѓани коишто ќе можат да бидат активирани и вклучени на пазарот на трудот, она што и е потребно на македонската економија. Дополнително воведовме образовен и детски додаток за повеќе од 60.000 деца затоа што детската сиромаштија е најскапа сиромаштија и Македонија не може да си ја дозволи истата“, рече министерката Царовска и додаде дека детски и образовен додаток ќе можат да користат и вработените лица што работат за минимална плата.