Нашите амандмани ќе бидат вградени во предлогот кој Владата ќе го достави до Собранието, рече денеска пратеничката Елизабета Канческа-Милевска во изјава во врска со уставните амандмани.
Како што истакна таа, целта на гласањето за отворање на Уставот била јаваната расправа да се отвори со цел пратениците заеднички да придонесат за Договорот со Грција.
„Баравме амандман со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет, со обврска на државата да го штити културното наследство. Второ, ако Грција не го ратификува Договорот и повторно блокира, поништување на сите уставни амандмани“, рече Канческа-Милевска, додавајќи дека за неа тоа е многу важно бидејќи нема да постои можност да ја прифатиме географската одредница и Грција повторно да блокира.
Нагласи и дека третиот предложен амандман се однесува на постепена примена на промената на името.
Канческа-Милевска додаде дека активно ќе се следи јавната расправа во која ќе се вклучат да дадат придонес.
„Во оваа фаза на уставните амандмани само со дебата и креативност ќе дадеме што повеќе. Апелирам колегите од ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат во сите овие процеси“, наведе таа додавајќи дека не го видела текстот со нацрт- амандманите.
Нагласи дека иницијативата за помирување е предложена како интерапартиско парламентарно тело за помирување и интеграција.
„Се надевам дека на координацијата во понеделник ќе се одреди методологија, да има контури и за во иднина, сериозно да се пристапи. Да одиме во насока на помирување. Ни треба соработка и обединување. Очекувам и треба да земат учество и колегите од ВМРО-ДПМНЕ“.
Канческа-Милевска додаде и дека долго време е член на ВМРО-ДПМНЕ, како што кажа и семејно, а не само лично. Според неа, некои реакции се изнесени избрзана и треба да има аргументи.
Галена Николовска-Ризвановиќ