По завршувањето на натпреварот со Данска насмеани и задоволни лица кај нашите репрезентативци. Во првото полувреме на голот на Македонија беше Томе Пачовски, кој поради повреда на полувремето му го препушти местото на Мартин Богатинов.
Пачовски во текот на првиот дел во два наварти побара лекарска помош, а по натпреварот изрази задоволство од победата и надеж дека неговата повреда не е сериозна.
– Секако дека задоволството е големо кога ќе се победи селекција од рангот на Данска. Одигравме добар натпревар и заслужено победивме. Што се однесува до повредата не знам за што станува збор, а се надевам дека по снимањата кои ќе ги направам ќе имам појасна слика. Во секој случај во сабота мојот тим Мехелен има натпревар од белгиската лига и се надевам дека ќе можам да бранам, рече Пачовски по синоќешната победа на Македонија над Данска со 3:0.