На втората снимка пуштена на денешното рочиште за случајот Тортура може да се види како оштетениот во случајот, Љубе Бошкоски повторно е донесен на паркингот кај ресторанот Воденица од страна на единицата за специјални задачи „Тигар“. На лице место е присутен и адвокатот Љубомир Михајловски Џанго, а се слуша и разговор помеѓу инспекторите и адвокатот како се бара да се потпишат сите записници.
Од видео снимката се гледа како се пристапува кон преглед на патничкото моторно возило каде е присутно и приведеното лице Бошкоски кој сега се наоѓа од другата страна на возилото и е оддалечен од приколката и подвижниот тоалет. Забележливо е и присуство на полицајци кои носат качулки на главата.
На снимката која е направена од МВР се гледа дека припадниците на единицата Тигар, како што потенцираше обвинителот, немаат никаков контакт со Бошкоски за разлика од првиот пат додека траело апсењето каде според обвинението на Бошкоски му бил ставан пиштол на образот и му биле упатувани пораки. И на снимката не се гледа ниту еден од сега обвинетите припадници на единицата Алфи.
Наредното рочиште е закажано за 20 ноември кога ќе се продолжи со разгледување на видео материјалите од МВР.
Виктор Јованов