Најдолгиот штрајк во историјата на бриселскиот аеродром не стивнува

Од:

Штрајкот на носачите на багаж од компанијата „Авиапартнер“ на бриселскиот аеродром продолжува најмалку до среда наутро, најавија синдикатите. Ова е најдолгиот штрајк во историјата на овој клучен европски аеродром, а економските штети допрва ќе се мерат.

Од четвртокот, кога започна штрајкот, до сега над 700 летови се откажани и 150 илјади патници погодени.

Бидејќи штрајкуваат вработените во една од компаниите кои го товарат багажот, околу 1500 куфери се задржани на аеродромот, некои патници сѐ уште го чекаат својот багаж од четвртокот.

Компанијата “Авиапартнер“ управува со 40 отсто од летовите на бриселскиот аеродром, вкупно 29 и авионски компании се засегнати од штрајкот на носачите на багаж.

На лице место хаосот продолжува, иако во помала мера од претходните денови кога патници беа приморани да спијат на аеродромот во исчекување на информации за своите летови.

Неколку авиокомпании одлучија да ги префрлат своите летови на други аеродроми во земјата или на северот на Франција, но не сите патници биле навремено информирани, раскажува една девојка чиј авион полетал од градот Лил, но таа за тоа предоцна дознала.

Оваа недела е исто така школски распуст во Белгија и бројни семејства кои се подготвуваа за одмор останаа без лет.

-Ми рекоа дека треба да најдам друг лет за Шпранија, раскажува еден татко со две деца, но сега картите се многу поскапи од кога ги резервирав.

Прашање е исто така дали патниците ќе можат да добијат отштета бидејќи станува збор за “див штрајк“. Според законот патниците можат да побараат отштета директно од авиокомпаниите, но не и од компанијата што управува со багажот. Правилата во ЕУ меѓутоа велат дека во непредвидливи случаи, надвор од нивната волја, авиокомпаниите можат да одбијат да исплатат отштета.

Теоретски, тие би можеле да кажат дека ова е таков случај бидејќи дивиот штрајк претставува спонтан престан на работа, без претходна синдикална одлука и како таков не можел да се предвиди.

Здруженијата за заштита на потрошувачите меѓутоа веќе почнаа судски процеси.

Последната рунда преговори помеѓу синдикатите и дирекцијата вчера вечер не донесе никаков напредок и штрајкот, кој трае веќе шест дена, нема да заврши најрано до среда наутро.

-Дирекцијата не прави компромис, се пожали Фуад Бугрин од либералниот синдикат пред медиумите.

Работниците бараат подобри услови за работа, велат дека се преоптоварени, дека нема доволно работници, дека опремата со која работат е застарена и бараат крај за флексибилноста на работните договори.

Газдтие пак велат дека се подготвени да прифатат одреден број барања на работниците, но не сите бидејќи тоа би го ставило во опасност самото постоење на компанијата.

Бриселскиот аеродром ги повика двете страни да изнајдат компромис што е можно побргу. По штрајковите на екипажот на Рајан Ер последниве месеци, последните случувања ги загрижуваат директорите на аеродромот како од финансиски аспект, така и од аспект на имиџот на овој централен аеродром во Европа.

Би можело да ве интересира

Исчезна Белгиец кој планирал планинарење во реонот на Охрид, Струга и Дебар

Катерина Ѓуровски

Седум лица се уапсени во Белгија поради планирање терористички напад

Вооружен напад во Брисел: Има мртви и ранети

Со солзи, белгискиот премиер Де Кро најави оставка по поразот на европските избори

A1on

Белгија ќе го покрене прашањето за санкции против Израел во ЕУ

Белгија протера руски дипломати

Горан Наумовски