На Поштенска банка и се одзема ексклузивното право да врши активности поврзани со поштенскиот сообраќај, предвидуваат измените на Законот за банки кои денеска го поминаа првото читање пред собраниската Комисија за финансисирање и буџет.
Како што образложи заменик министерот за финансии Недим Рамизи, Владата ја задржува златната акција што ја има во Поштенска банка преку Македонски пошти и по евентуалното приватизирање на Банката или Поштите, ќе одлучува дали ќе ја продава или не.
– Се оцени дека ексклузивитетот на Поштенска банка да дава услуги за Македонски пошти е несоодветен на пазарните услови во кои делуваат банките во Република Македонија. Со измената, Поштенска банка, практично, се става во иста позиија како останатите банки. Се легализира тој дел, сите банки ќе имаат можност да ги вршат тие услуги, рече Рамизи.
Тој не кажа дали некои од поголемите банки се заинтересирани за купување на Поштенска зашто „тоа е постапка што се води, а на крајот, за продажбата, одлучува Владата“.
Со измените, на поголемите штедилници им се овозможува да се трансформираат во банки, а на помалите во финансиски друштва. – На големите штедилници кои располагаат со капитал значително над предвидениот минимум, ќе им се олесни трансформацијата во банка, без спроведување стечај или ликвидација, додека малите кои прибираат депозити заради законска обврска, ќе може да работат со сопствениот капитал по значително полиберални стандарди, објасни Рамизи.
Се овозможува и побарувањата на акционерите од банките да се претворат во акционерски капитал на банката, забраната од почетниот капитал да се намалува со враќање на уплатените влогови на акционерите, Народната банка да пропишува повисока стапка на адекватност на капиталот зависно од пазарните и макроекономските услови и воведување обврска, надворешната ревизија на банката покрај ревизија на годишните финансиски извештаи да врши ревизија и да поднесувања извештаи и за работењето на банката.
Во делот на прекршоците се намалуваат глобите со цел обезбедување непристрасност при нивното изрекување. Воведен е единствен износ за казни.
Македонскиот банкарски систем не беше значајно погоден од глобалните економски случувања, но сепак е неопходна претпазливост и навременото регаирање на регулаторите. Затоа, посочи заменик министерот, измените се насочени кон јакнење на капиталната база на банките и одржување на нивната стабилност.