Поранешниот премиер Никола Груевски доби упатен акт да се јави во затворот во Шуто Оризари.
Според актот, Груевски треба најдоцна до 8 ноември да се јави во затворот, каде што треба да ја отслужи казната за набавката на лускузниот Мерцедес.
Од Кривичниот суд информираат дека упатниот акт за издржување на казната на Груевски му е врачен денеска во судот, бидејќи не го нашле на домашната адреса. Според упатниот акт, тој треба да се јави во затворот во рок од 13 дена од денот кога му е врачен актот.
Апелацискиот суд во Скопје ја одби жалбата на Груевски за предметот „Тенк“ како неоснована и во целост ја потврди првостепената пресуда за затворска казна од две години.
Судот делумно ја прифати жалбата на обвинетиот поранешен помошник министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски и го преиначи делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од четири години и шест месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
Кривичниот суд Скопје на 23 мај година за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, го осуди првообвинетиот Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор, а второобвинетиот Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото на две години затвор. Двајцата потоа поднесоа жалби на првостепената пресуда до Апелацискиот суд Скопје.
Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор. При набавката на службениот „мерцедес“ Јанкулоска ја злоупотребила службената положба и овластувања при што била нарушена и тендерската постапка бидејќи бил фаворизиран еден економски оператор. На поранешната министерка ѝ се судеше одвоено откако се породи.
Виктор Јованов