ОЈО: Определен притвор за ексградоначалникот на Демир Капија

Од:

Судот му определени 30-дневен притвор на поранешниот градоначалник на Општина Демир Капија, 61-годишниот Трајче Димитриев, поради злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Димитриев и уште три лица се под истрага откако Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против нив под сомнение дека со незаконски дејства сториле кривични дела со кои е предизвикана штета на буџетот на Општината и на Буџетот на Република Македонија во износ од 15.456.106 денари.

„Имено, првоосомничениот во својство на извршен орган на општината, потпомогнат од второ и трето осомничените и поттикнат од четвртоосомниченото лице во периодот од 2013 до 2017 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што со четвртоосомниченото лице склучил договор за продажба на објект – реконструирана стара училишна зграда и земјиште во сосопственост на Општина Демир Капија за износ десет пати помал од реалната пазарна цена. При продажбата не е земена предвид претходно инвестираната реконструкција на објектот со средства од Договорот за грант од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ наменет за Република Македонија. На тој начин четвртоосомниченото лице се стекнало со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Општина Демир Капија“, соопштија од Обвинителството.

Воедно, првоосомничениот ексградоначалник во текот на 2017 година без надомест ја отстапил фондацијата чиј основач била Општина Демир Капија на свој близок роднина, со што му овозможил да се стекне со противправна имотна корист, на штета на Буџетот на општината во износ од 4.208.922 денари.

Според информациите од Обвинителството, со преземените дејствија осомничените го оштетиле Буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 5.021.000 денари и буџетот на Општина Демир Капија во износ од 10.434.569 денари.

Од Обвинителството информираат дека на предлог на надлежен јавен обвинител, Основниот суд Скопје 1 – Скопје на првите тројца осомничени им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а за четвртоосомниченото лице е определена мерка – куќен притвор.

Би можело да ве интересира

ОЈО: Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице оддавале тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“

Известување за притисок врз скопското вишо јавно обвинителството доставено до Советот на јавни обвинители

Обвинителство: Материјалот за случајот со поранешната министерка за култура е пристигнат и се проучува

ОЈО доби ново одделение за сериозен и сложен криминал

Претреси за финансиски криминал на повеќе локации

Предраг Петровиќ

ОЈО: Маж од скопското село Грчец и се заканувал на новинарка

Горан Наумовски