Најбогатиот човек во Чешка, Петр Келнер (54) ќе започне преговори со Роман Абрамович за евентуалното купување на дел од акциите на Челзи, соопштува чешкиот весник „Тиден“.
Роман Абрамович го купи Челзи во 2003 година, но, од пред неколку месеци беше лиферувана информацијата дека рускиот милијардер има желба да го продаде клубот.
Во јуни Абрамович одби понуда од 2 милијарди фунти од најбогатиот Британец Сер Џим Ретклиф. Американски милијардер, исто така, беше заинтересиран за купување на англискиот клуб.
Според „Тиден“, Келнер е заинтересиран да купи удел во лондонскиот клуб. Во наредните денови се очекува да се одржат разговори меѓу чешкиот милијардер и Роман Абрамович.
Богатството на Келнер е проценето на 10,2 милијарди фунти. Бизнисменот е на 88 место на листата на списанието „Форбс“ за милијардерите во светот.
Неговите финансиски средства можат да помогнат да се обнови стадионот на Челзи. Плановите се капацитетот на објектот да се зголеми од 41.600 на 60.000.
Портпаролот на Абрамович одби да ги коментира последните гласини околу сопственоста на клубот, но зделката може да му овозможи на Русинот да си врати дел од инвестициите во лондонскиот гигант.