Ќе има ли амнестија за обвинетите пратеници, судските процеси под будно око на јавноста

Од:

По изгласувањето на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, во петокот во Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство кое беше обезбедено благодарејќи на осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, јавноста будно ги следи судските процеси во кои се дел од нив, а со цел да се увери дали ќе има некакви промени во обвиненијата и крајниот исход.

Елизабета Канчевска Милевска, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Владанка Авировиќ, Емилија Александрова, Љубен Аранудов, Нола Исмајловска Старова и Зекир Рамчиловиќ, се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ја отворија вратата за уставни промени. Од вкупно 8 пратеници, четворица се директно обвинети од страна на Основното јавно обвинителство и СЈО. Пратениците Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок при упадот во Собранието на 27 април минатата година за што им се заканува затворска казна од најмалку 10 години.

Четвртиот пратеник кој е директно обвинет е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска која од страна на Специјалното јавно обвинителство се терети за тендерот за извршени градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност.

Покрај овие четворица индиректно поврзана со обвинение е пратеничката Владанка Авировиќ преку нејзиниот син Василије Авировиќ кој е осуден на 3 години затворска казна за случајот „Труст“ исто така на Специјалното јавно обвинителство. Според пресудата синот на Авировиќ како управител на фирмата „Силекс неметали СТ“ направил злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.

Помеѓу осумте пратеници се најде и пратеникот Зеќир Рамчиловиќ кој доаѓа од коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Здружението за културно обединување на Бошњаците-АВАЗ, на чие чело стои бизнисменот Сеад Кочан, осуден на 6 години затворска казна за случајот „Труст“.

По првичната изјава на премиерот Зоран Заев од собраниската говорница за помирување помеѓу пратениците за 27 април останува да лебди во воздух прашањето дали овие обвинети по конечното пуштање од притвор имале договор да гласаат „За“ уставните промени во замена за спас од обвиненијата или некакви ублажувања на казните.

Како една од можностите во јавноста се говори за преквалификација на обвиненијата на пратениците како за обвинетите од 27 април така и за случајот „Тендери“ со што би дошло до намалување на казните на обвинетите.

До преквалификација на обвинение може да дојде во било кој период од постапката, а преквалификацијата ја врши судијата кој ја води постапката по барање на надлежното обвинителство. Не се исклучува можноста и за целосно повлекување на обвинението односно целосно откажување од кривичен прогон. Исто така како едно од решенијата е Собранието да донесе закон за амнестија на обвинетите од 27 април и да изгласа амнестија идентично како „Хашките случаи“ во 2011 година. Ова решение може да биде покренато по иницијатива на работните групи кои ќе се формираат за помирување или пак по веќе доставениот „Предлог-закон за амнестија за настаните од 27 април“ кој до Собранието уште во јули годинава беше доставен од страна на партијата „Единствена Македонија“.

Досега од осамостојувањето на Република Македонија до сега се донесени дури 5 закони за амнестија. Првиот закон за амнестија е донесен во 1991 година, потоа во 1999 кои се однесуваат на лица осудени со правосилна пресуда од суд на поранешните југословенски републики. Третиот закон за амнестија е донесен во 2002 година како резултат на потребата од поставување соодветна правна рамка како инструмент за реализација на Охридскиот договор. Следува законот за амнестија од 2003 година кој ги опфаќа граѓаните од Република Македонија кои не ја извршиле воената обврска и последниот закон за амнестија за Хашките случаи донесен во 2011 година.

Осумте пратеници кои гласаа за уставните промени својот глас претходно го условиле со 4 барања кои власта прифатила да ги спроведе. Првото барање на пратениците е прифаќање на амандман на Уставот со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет, потоа поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од Преспанскиот договор доколку Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро-атлантските интеграции на Македонија. Третото барање е постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи го процесот што води кон полноправно членство на Македонија во ЕУ. Четврто, последно барање на пратениците е поврзано токму со обвинението за 27 април односно прифаќање на иницијативата на премиерот Заев искажана на 31-та седница на Собранието на 15 октомври, за простување во врска со настаните на 27 април во Собранието и сеопфатно национално помирување со формирање на собраниско тело составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и претседателот на Собранието, кои ќе изготват и предложат до Собранието план за национално помирување, во рок од 30 дена.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ презакажано за 14 ноември – обвинетите бараат Судот да го примени Законот за амнестија

Катерина Ѓуровски

Сиљановска Давкова: Договор за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот

Горан Наумовски

ЗНМ: Правда за новинарката Душица Мрѓа за „27-ми Април“: значаен чекор напред во борбата против заканите врз медиумските работници

Се предаде Дејан Давидовски Дешо, баран по меѓународна потерница за настаните од 27 април

Катерина Ѓуровски

Неколку пратеници од Собранието добиле заканувачка порака

СДСМ: Пандов пушта од затворите лица осудени за 27 април

Катерина Ѓуровски