Институт за човекови права: Судскиот совет не презел дејствија по извештајот за АКМИС-от

Од:

Судскиот совет се уште нема преземени никакви дејствија во однос на Извештајот за АКМИС системот, иако до Советот тој беше доставен во декември минатата година, пишува во последниот извештај на Институтот за човекови права, што ја мониторира работата на Советот.

Судскиот совет не презел ниту едно дејствие за да ја заштити независноста на судството, ниту пак по извештајот на Специјалното јавно обвинителство во кој неколку судии јавно беа посочени дека ја извршувале судиската функција без морален интегритет.

– Тој извештај претпоставувам дека мора да го достават и до Судскиот совет и во исто време да биде иницирање на некоја постапка против тие луѓе за кои се зборува во него. Што прави Судскиот совет во таа насока ние немаме никаква информација, рече претседателката на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска пред денешната презентација на мобилната апликација „Судскиот совет под лупа“ како дел од проектот „Акција за поголема транспарентност, отчетност и ефективност на Судскиот совет“.

Таа посочи дека на Судскиот совет му е потребна поголема транспарентност, отчетност и ефикасност во работењето.

– Транспарентноста во работењето на СС се уште не ја сметаме за доволна. Уште многу работи треба да се имплементираат во нивното работење, особено во праксата за да може граѓанинот да биде информиран за се што се случува во органот кој е одговорен да ја обезбедува и да ја гарантира безбедноста на судството, истакна Цаца Николовска.

Покрај изборите и разрешувањата за што сметаат дека им е главна надлежност, како што додаде таа, СС сегмент треба да стави и на обезбедување и гарантирањето на независноста.

Преку апликација, како што појасни Цаца Николовска, заинтересираните ќе може веднаш да добијат конкретни информации и да направат споредба помеѓу она што било дневен ред и она што по тој дневен ред се остварило или не.

– Многу важно е и прашањето дали по тие точки на дневниот ред соодветно се постапувало или не. Ние имаме често ситуација под точка разно да се ставаат битни работи. И во таа насока сметаме дека транспарентноста не е целосно остварена, затоа што транспарентноста не е само информација, туку содржи многу повеќе елементи за квалитетот и за она што е работење на СС, рече таа.

Во вториот дел од настанот беше промовирана методологијата за следење во однос на транспарентноста, отчетноста и ефективноста на работата на Судскиот совет, резултатите од следењето на нивната работа во период од јуни до август 2018, а беа дискутирани и новите измени на Законот за Судски совет и Законот за судови.

Мониторинг извештајот за работата на Судскиот совет е дел од проектот „Акција за поголема транспарентност, отчетност и ефективност на Судскиот совет на РМ“, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем

Во Обвинителството и судството парите од буџетот за нови вработувања ги пренаменувале за плати велат од Финасии

Судскиот совет ја отфрли Иницијативата од ДКСК за одговорност на членови од Управниот одбор на АСЈО