Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари самиот го чипираше првото куче скитник со соодветен чип на увото на кој ќе биде забележано местото од каде доаѓа и бројот на кучето што вака е третирано.
Како што рече Таравари ова е дел од активностите што тие како локална власт ги преземаа за третирање на уличните бездомни кучиња во општината.
Тој посочи дека во рамките на просторот од старата касарна во Гостивар е започнато со основање центар за третман на уличните кучиња, меѓутоа поради процедурално административни прашања околу неговото лиценцирање таму се уште не може да се отпочне со третманот на кучињата.
– Во пресрет на отпочнувањето на овој центар ние од денеска започнувме со третман операција и вакцинирање, како и чипирање на сите кучиња што ќе бидат заловени во реонот на Општина Гостивар се со цел граѓаните да бидат сигурни дека тие се безопасни и се соодветно вакцинирани. Тетовската ветеринарна амбуланта „Дог енд кет“ го добила тендерот што бил распишан од страна на локалната самоуправа, рече Таравари.
Во однос на бројката на бездомни кучиња во општината, како и шпекулациите дека има пренесување кучиња од едно место на друго, Таравари рече дека претставници на општината фотографирале камион за кој се претпоставува дека донел бездомни кучиња во Гостивар и дека таа фотографија била предадена во полицијата за понатамошна постапка.
Додека во однос на бројката на кучињата тој посочи дека никој не ја знае точно, меѓутоа се претпоставува дека изнесува од 300 до 500 кучиња.
На денешната активност во Тетово присуствуваше и претседателот на Ветеринарната комора на Македонија, Томислав Николовски кој посочи дека со присуството сака да даде поддршка на акцијата.
– Станува збор за сериозен комунален јавен и здравствен проблем, а Општина Гостивар е прва општина во западна Македонија што систематски се зафаќа со решавање на овој проблем што е јавна одговорност бидејќи кучињата се заштитени со закон, а ветеринарната медицина мора да најде начин да ги помири луѓето и кучињата, истакна Николовски.
Сопственикот на ветеринарната амбуланта истовремено и ветеринарен доктор Рамиз Селмани истакна дека при денешниот третман на кучињата освен чипирањето, кучето е вакцинирано против беснило, стерилизирано и третирано за внатрешни и надворешни паразити со што сега тоа е безопасно за луѓето.