Обвинителката Вилма Русковска за денешниот инцидент кој се случи во Основниот суд Скопје 1 Скопје откако адвокатите на обвинетите за крвавиот четврток беа казнети со по 1000 евра и отстранети од денешното рочиште од страна на судијката Кацарска на кое сведочи загрозениот сведок ЕС1, изјави дека непотребно се прави тензија бидејќи и порано во старата зграда на Кривичен се одвивале рочишта на кои сведочеле загрозени сведоци.
– Се пожалија дека немаат услови за работа, дека треба да пишуваат на колено, мислам дека непотребно се прави тензија. И досега во оваа зграда и токму во оваа судница се одржувале рочишта со загрозен сведок меѓу кои и случајот Монструм, рече обвинителката Рускоска.
Во однос на вчерашната изјава на премиерот Заев каде голем дел од јавноста препозна понуда за амнестија во неговото излагање, Рускоска рече дека лично таа не приметила никаква понуда за амнестија туку помирување меѓу пратениците.
Обвинителката исто така кажа дека нема да ја обжали пресудата за обвинетиот Сашо Василевски да се брани од слобода.
Денешното рочиште продолжува без адвокатите на обвинетите, наместо нив за денеска ќе бидат поставени адвокати по службена должност, но за понатамошните рочишта се уште е непознато дали одбраната ќе се врати на судските рочишта за крвавиот четврток.
Виктор Јованов