Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски се спаси во најновата истрага на СЈО за „Поштенска банка”, бидејќи во меѓувреме застарело делото.
Специјалното јавно обвинителство отвори нова истрага со кодно име „Поштенска банка“. Станува збор за финансиска истрага, во рамки на која, три од осомничените девет лица се приведени пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1.
Истрагата опфаќа повеќе поврзани настани за сторени кривични дела – перење пари и други приноси од казниво дело и со неа се опфатени девет лица и тоа: Коле Смилевски, Томе Главчев, Ратко Димитровски, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев. Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист во износ од околу 5 милиони евра.
Во почеток на 2001 година Љубчо Георгиевски, како претседател на Владата, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, со цел да го контролираат фактичкото функционирање на „Поштенска банка“, организирале во основањето на Банката, покрај „Македонска пошта“, која била во државна сопственост, да учествуваат и правните лица кои тие ги избрале – „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и печатница „Европа 92“ Кочани.
Во однос на застареноста на кривичното гонење за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ СЈО информира дека застареност е настапена во однос на лицата Љубчо Георгиевски, Марјан Ѓорчев и Никола Груевски, додека за лицата Томе Главчев и Ратко Димитровски, согласно наредбата за спроведување истражна постапка, на товар им се става сторување на кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ и Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик на РМ.