Поранешниот претседател на УЕФА, Мишел Платини, поднесе тужба против поранешните први луѓе во ФИФА во која наведува дека бил жртва на заговор. Тој целата постапка ќе ја води пред правосудните органи во Франција.
Платини беше претседател на УЕФА во периодот од 2007 до 2015 година, но беше присилен да се повлече од функцијата по корупциските скандали во ФИФА и УЕФА.
Тој беше обвинет за нетранспарентност и за неетичко работење.
За овој случај сопствена истрага водеа и швајцарските власти, која како што наведе Платини е завршена и ја докажала неговата невиност. Тој кај швајцарското обвинителство од септември веќе има статус „меѓу сведок и обвинет“ во кривичната постапка која се води против поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер.
Како што објавија француските медиуми, Платини сака да ги открие информациите за трансакцијата од два милиони швајцарски франци, кои ФИФА на чело со Блатер му ги уплатила во 2011 година за консултантски услуги.
Адвокатот на Платини соопшти дека француските правосудни органи веќе отвориле прелиминарна истрага по тужбата на неговиот клиент.
Освен Батлер за заговор се сомничат и поранешниот шеф на правниот тим на ФИФА Марко Вилигер и високиот функционер на ФИФА Доменико Скала.