СЈО го сомничи генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, злоупотреби при набавката на кинеските автобуси

Од:

Во новата истрага на СЈО наречена „Дизајн“, опфатени се четири службени лица поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, меѓу нив, и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

СЈО објави дека постои основано сомнение дека во периодот од 2009 и 2010 година, осомничениот Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, осомничената Снежана Филиповска Павлеска како претседател на Комисијата за спроведување на јавни набавки, а осомничените Игор Јанушев и Јулијана Јанкуловска Атанасова, како членови на комисијата за спроведување на јавни набавки, на двокатни автобуси за град Скопје, формирана од министерството, ги искористиле своите службени положби и овластувња и за економскиот оператор Јутонг од Кина прибавиле корист, односно незаконско повластување – фаворизирање во постапката и склучување на договор за набавка на 202 двокатни автобуси, нанесувајќи му штета на буџетот на Р.М. во износ од 5.000.000 евра.

Според СЈО, од доказите произлегува дека првоосомничениот Миле Јанакиевски како Министер, по претходно поништени две постапки за јавна набавка на спорните автобуси, на кои конкурирал економскиот оператор Јутонг од Кина, без да ги исполнува условите на тендерот, со цел да го фаворизира економскиот оператор Јутонг, повторно донел решение за набавка на 202 автобуси во кое, спротивно на чл.161 од Закон за јавните набавки, во критериумот економски најповолна понуда, покрај елементот цена и техничко функционални карактеристики го додал и елементот дизајн, елемент кој инаку не е предвиден во Законот, и за истиот во огласот навел дека носи 20 бода.

На огласот се јавиле два економски оператори, Јутонг од Кина и Кинг Лонг од Бугарија, по што осомничените (претседателот и членовите на комисијата), при разгледување на понудите, го фаворизирале економскиот оператор Јутонг, иако истиот не доставил сертификат за квалитет ИСО 9001:2000, туку доставил сертификат ИСО/ТС 16949:2002, а банкарската гаранција пак која ја доставил била издадена од Охридска банка АД Скопје, која не поседувала „Б“ кредитен рејтинг (што било услов во тендерската документација).

Како комисија за спроведување на јавната набавка наместо да ја отфрлат ваквата понуда, тие продолжиле со евалуација на двете доставени понуди. Понудата на економскиот оператор Кинг Лонг била второрангирана, поради тоа што истата не ги освоила потребните бодови за критериумот за елементот дизајн, иако истата била поефтина за 5.000.000 евра од понудата на Јутонг.

Министерот Јанакиевски, бил должен да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти во истата, меѓутоа тој тоа не го сторил тоа, со што постапил спротивно на чл.169 од Законот за јавни набавки и на ден 14.04.2010 година склучил договор за купопродажба на автобуси со кинески Јутонг.

Би можело да ве интересира

Имотот на Јанушев СДСМ го поврзува со кинеските автобуси: За седум години сигурно ќе го затворевте ако имаше криминал одговори ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

ДКСК отвори предмет за имотот на генералниот секретар на Владата Јанушев

Предраг Петровиќ

Јанушев: Нема подарен имот туку погрешно внесени податоци, паразитите кои ја руинираа зградата на владата паничат

Катерина Ѓуровски

Кузеска: Панче Тошковски има стан во поклонетиот имот на Јанушев

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична против Оливер Спасовски: Издавал документи за кои знаел дека ќе мора да се менуваат

Катерина Ѓуровски

Јанушев: Спасовски и Ковачевски се креатори на хаосот со личните карти и возачките дозволи