Во просториите на Библиотека „Другарче“ денеска беше конституиран Локалниот совет за превенција при општина Карпош, тело кое ќе има за цел да работи на зголемување на безбедноста на територијата на локалната самоуправа и превентивно да дејствува.
На седницата присуствуваа градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, претседателот на Советот на локалната самоуправа, Андреј Манолев, секретарот на општината, Стојан Алексов, членови на Советот и граѓани од оваа општина.
– Во овие единаесет месеци, колку што сум на функцијата градоначалник на општина Карпош, можам да изразам задоволство од досегашната соработка со полициската станица „Карпош“, како и со Секторот за внатрешни работи – Скопје и за нашето заедничко делување во превенцијата и обезбедување на безбедноста на граѓаните на општина Карпош. Особено сум задоволен, што заедно со нашите сограѓани одржавме маалски граѓанско-полициски патроли во урбаните заедници „Влае“ 1 и 2, „Злокуќани“, „Карпош 3“, „Кузман Јосифовски-Питу“, на кои дискутиравме за проблемите во однос на безбедноста со кои се соочуваат граѓаните во нивните урбани и месни заедници, и заедно предложувавме решенија, нагласи првиот човек на општината, Стефан Богоев.
Командирот на П.С „Карпош“, Владо Симјановски, истакна дека кадровски се зголемила капацитетноста на полициската станица со нови вработувања, со кои ќе се подобри ефикасноста и ефективноста во работата на оваа станица и дека досегашната соработка со локалната самоуправа, за превенција, координација и дејствување е одлична. Самостојниот инспектор при СВР- Скопје, Игор Здравевски ја потенцираше одличната соработка и дејствувањето со општината, притоа нагласувајќи дека истата ќе се интензивира во наредниот период.
Градоначалникот Богоев, ги презентираше превентивните мерки кои ќе се преземат во идниот период, за да се спречат одредени девијантни појави кои во континуитет се повторуваат на одредени локации низ Карпош. Се работи за палењето на гуми и отпад по должината на кејот на реката Вардар во населбата Злокуќани, уништување на урбаната опрема на поголемите плоштади, како и трките со автомобили и мотори кои се организираат во доцните часови на булеварот „Партизански одреди“.