Вкупно 117 „бомби“ денеска беа преслушани во Кривичниот суд во Скопје на рочиштето за изборни нерегуларности „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство. Во најголем дел во разговорите од март 2013 година учествува поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој се јавува по одговорни лица во министерства, инститиции и училишта за да агитираат врз вработени да гласаат на изборите.
– Имаш кај тебе вработен Н.Н. Не се јавува и нема дадено + три. Да му кажеш да излезе и гласа. Утре до 9:00 часот со цела фамилија да гласал, тоа се слуша во речиси секој разговор на Миле со одговорните во институциите.
Од аудио разговорите пуштени како доказен материјал се слуша како Јанакиески се јавува на министри, директори и одговорни лица да агитираат да излезат и гласаат војници, доктори, вработени во МВР, Филхармонија, МОБ, министерствата за правда, за земјоделство, јавните претпријатија Паркови и зеленило, Комуналец и други.
Миле во разговор со екс министерката за култура Канческа Милевска и кажува со име и презиме кои вработени треба да ги лоцира и утре со фамилијата да гласаат, додека во друг разговор со одговорна од Министерство за правда ја советува да се јави лично на луѓето, зошто тој тоа го правел и имало ефект. – Да, да министре утре до 9:00 часот со фамилијата ќе излезам, низ смеа кажува Јанакиески.
Во една од бомбите Миле и објаснува на соговорничката како прават проверка дали вработените излегле да гласаат.
– Наташа до 9:00 часот ги оставаме, после имаме 18 кол центри и им вртиме. Во центар има 66 гласачки места и има 66 телефони. Ги имаме луѓето на Избирачки список и имаме база од членови поделени по избирачки места. Тие списоци ги дадовме на тие што ќе стојат на избирачки кутии, набљудувачи и ќе ги запишуваат кој излегол, кој не излегол и ние им кажуваме да им се јават на оние кои не излегле. Сите вработени после гласање треба во Месен комитет да одат да се потпишат. Идеално е тој пред избирачко место да ги препознае, ама ако не, тогаш тој на кутии што е набљудувач. После знаеме по избирачки места кој како гласал и колку излегле да гласаат до 12, 14, 16 часот, објаснува Миле.
Во еден од разговорите подоцна објаснува дека сите вработени треба после гласање во Месен комитет да се попишат, тоа е „систем на дупла контрола” вели Миле.
Во предметот „Титаник“ предложени се повеќе од 1.000 аудио снимки во листата на материјални докази од СЈО, а досега се преслушани повеќе од 500.