МВР лаже дека работи на откривање на атентатот врз Глигоров, обвини денеска на прес-конференција Драган Угриновски, член на Извршниот комитет на Единствена Македонија.
„Вчера министерот во МВР, Оливер Спасовски, рече дека во МВР и натаму се води постапка против непознат сторител.
Ова е една од подмолните лаги со кои во изминатите години се замајува јавноста дека во МВР истрагата не е затворена. Меѓутоа, денес на многу конкретен начин ќе ѝ покажеме на јавноста дека кажаното од МВР дека се работи на атентатот е една голема лага“, рече Угриновски.
Тој прикажа документ кој, како што рече, потврдува дека истрагата е укината.
„Во овој документ јасно стои, цитирам: ‘Ве известуваме дека штабот на оперативната акција ‘Автомобил’ во седиштето на МВР веќе не постои како посебна организациска целина’. Повторувам, штабот на оперативната акција ‘Автомобил’ се укинува. Да појаснам, по атентатот е заведена оперативна акција со кодно име ‘Автомбил’, во која требало да се слеваат сите сознанија и податоци од значење за овој немил настан. Меѓутоа, од презентираниот документ произлегува дека штабот и оперативната акција ‘Автомобил’ не постојат повеќе, и притоа како што може да се види во вториот пасус од документот, агентите на тајната полиција се насочуваат за евентуално добиените сознанија да ги известуваат соодветните организациски единици. Ова според полициската практика е скандалозно, бидејќи атентатот врз Глигоров повеќе не е предмет на систематско и организирано работење на МВР“, истакна Угриновски.
Партијата побара од МВР да одговори зошто ги лаже граѓаните дека работи на откривање на атентаторот врз Глигоров, кога штабот и ОА ‘Автомобил’ се укинати.
„Зошто МВР го лажеше и самиот Глигоров до неговата смрт дека се работи на атентатот, наместо отворено да му кажеа дека токму поради неработењето, истрагата никогаш не била блиска ниту до мотивите, ниту до извршителите?
Оттука, јавноста сè уште чека одговор на прашањето кој ги укинал штабот и оперативната акција ‘Автомобил’“, праша Угриновски.