Ние од наша страна продолжуваме да ги поддржуваме големите напори на господинот Заев, продолжуваме да ја поддржуваме потребата за зачувување на моментумот на Договорот од Преспа, бидејќи сметаме дека е штета да се изгуби големата шанса за да се реши едно прашање што го измачува Балканот околу 30 години, рече портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на резултатот од референдумот, Ѕанакопулос коментираше дека „заврши со големо преовладување на „За“ и станува збор за позитивна разврска во процесот на ратификација и стапување во сила на Договорот од Преспа“. Сепак, додаде дека она што ги загрижува е малата излезност.
– Зборот сега го има Собранието на ПЈРМ и се надеваме дека иницијативата на Владата на господинот Заев за уставна ревизија ќе заврши успешно. Од наша страна потенцираме дека продолжуваме тесно да ги следиме случувањата и ја поддржуваме иницијативата на господинот Заев, со главен критериум зачувување на моментумот од Договорот од Преспа, рече Ѕанакопулос.
Прашан за временските рокови, портпаролот на грчката Влада објасни дека е можно да постои мало доцнење, но истакна дека за грчката страна клучното прашање не е да се запазат временските рокови, туку клучна е суштината односно да се исполнат предусловите за договорот да дојде за ратификација во грчкиот Парламент.
– Сакаме да пратиме конкретна и јасна порака дека не треба да ја оставиме оваа можност да се изгуби, додаде Ѕанакопулос истакнувајќи дека во овој момент постои прозорец на можност за поширокиот регион на Балканот да помине во нова ера.
Портпаролот на грчката Влада говореше и за „климата на национализам и сомнеж што постои и во двете земји“, споменувајќи ги позициите на опозициската Нова демократија во Грција и на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, велејќи дека и двете партии договорот го карактеризираа како „национално штетен за националните интереси“.
– И тука се поставува прашањето: Ако договорот е штетен за Грција, како е можно истовремено да е штетен и за ПЈРМ? И како може да важи спротивното? Одговорот е дека како Нова демократија, така и ВМРО, и двете се заробеници на радикално десничарска логика и во страв од политичката цена, не се осмелуваат да преземат одговорност за да се најде праведно и одржливо решение за разликата меѓу двете земји. Преферираат да го задржат ќор-сокакот, преферираат да го префрлаат прашањето, преферираат да го одржуваат национализмот, рече Ѕанакопулос и додаде дека позицијата на Мицотакис го зајакнува национализмот во Макеоднија, а национализмот на ВМРО-ДПМНЕ го зајакнува национализмот во Грција, како две лица на една иста паричка.
Во однос на вчерашниот телефонски разговор меѓу македонскиот и грчкиот премиер, Ѕанакопулос, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, рече дека поминал во добра и пријателска атмосфера, а Ципрас ја изразил поддршката за Заев.
– Разговорот беше во многу позитивна клима, со многу пријателски тонови. Премиерот ја изрази неговата поддршка до господинот Заев и го пофали за неговата иницијатива да оди напред со процесот за ратификација на договорот, за неговата инцијатива да оди напред со процесот на уставна ревизија во Собранието на поранешната југословенска Република Македонија, рече портпаролот на грчката Влада и министер без ресор на денешниот брифинг со грчките новинари и странските дописници, пренесе МИА.