Стопанската комора на Македонија во првата половина од годинава не очекува некои позначајни позитивни движења на економските текови иако сметаат дека проекцијата за раст на БДП од 2 отсто за 2013 е реално остварлива.
Ова денеска на прес-конференција го истакна Стојмирка Тасевска од Стопанската комора во одговор на новинарско прашање.
– Остварливоста на растот на БДП ја гледаме пред се во целосното реализирање на најавените капитални инвестиции во Буџетот, како и со очекувањата за позитивни движења во втората половина од годинава посебно во металната индустрија како носечка дејност за нашата економија, рече Тасевска.
Досегашните приоритети на дејствувањето на Стопанската комора – инвестиции, инфраструктура и поттикнување на производството и на извозот, нагласи, годинава се менуваат поради континуираниот пад на индустриското производство.
– Поради ограничената потрошувачка надвор и на домашниот пазар сега главни приоритети ќе ни се промоција на македонската економија и понуда и барање на нови пазари. Тие се главен предуслов за зголемување на побарувачката во странство, а со тоа и на домашното производството, рече Тасевска.
Стопанската комора, додаде, посебно внимание годинава ќе посвети и на парафискалните давачки, гаранциите во јавните набавки, недостигот на стручен квалификуван кадар и на предлозите за донесување закони за поттикнување на инвестициите и за формирање гарантен фонд за економски развој.
– Управниот одбор на Стопанската комора на последната своја седница побара Комората во текот на оваа година да посвети посебно внимание на ослободувањето по основ на неданочните или парафискалните давачки за стопанските правни субјекти, бидејќи нема простор за барање за намалување на даночните стапки кои се најниски во регионот. Се побара и да се преиспита колку „изјавата“ е искористена како замена на инструментот „гаранција“ што се користи за заштита на договорните страни од несериозни понудувачи на јавните набавки. Доколку се утврди дека недоволно се користи ќе се предложат други инструменти како хипотека, осигурителна полиса, меница,… рече Тасевска.
Нагласи дека повторно е потенцирано и прашањето со недостигот на стручни кадри во стопанството.
– Се побара преку анкета директно од работодавачите да се дојде до информации кои занимања тешко се обезбедуваат на пазарот на трудот и дали има потреба од дополнително образование на работниците. Тоа ќе го реалзираме заедно со Министерството за образование и наука, Бирото за стручно образование и Агенцијата за вработување за да најдеме најсоодветни, најефикасни и најбрзи решенија, рече Тасевска.
Таа посочи дека предлог законите за поттикнување на инвестициите и за формирање гарантен фонд за економски развој се во насока на обезбедување полесен пристап до финансиски средства пред се во аплицирањето на кредитните линии во ЕУ фондовите каде се бара кофинансирање или целосно финансирање на проектот, а потоа да се вратат средствата.