Деветстотини и триесет невработени лица добиваат можност да почнат сопствен бизнис преку Програмата за самовработување, за која денеска објави оглас Агенцијата за вработување.
Лицата што ќе аплицираат за почнување бизнис добиваат од државата 185.000 денари како неповратни средства за набавка на опрема и репроматеријали и 16.897 денари за основни обуки за водење бизнис и регистрација, односно вкупно 201.897 денари.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски на прес-конференција со директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски информира дека невработените лица што ќе аплицираат ќе добијат поддршка за реализација на нивната бизнис-идеја преку обезбедување обука со советување за изработка на бизнис-план и обука за планирање и управување со бизнис, што ќе трае пет дена.
Во изминатите години обуките што се спроведуваа за Програмата за самовработување траеја два дена, а според Ристовски зголемениот број на деновите за обука сега треба да обезбеди подобар квалитет на бизнис-плановите.
За Програмата за самовработување, која е дел од Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2013 година, посочи министерот Ристовски, во изминатиот период постоел голем интерес. Минатата година за 900 самовработувања аплицирале 4.783 лица. Од 2007 година заклучно со минатата година досега се регистрирани 4.840 нови бизниси.
Досегашните шестгодишни оперативни планови, информира ресорниот министер, опфатиле повеќе од 45.000 лица, дел со директни вработувања и работни ангажмани, дел со обуки и практична работа за подобрување на нивните работни способности и вештини со цел олеснување до пристапот на пазарот на труд.
Според директорот на Агенцијата за вработување, од 4.840 лица што се вработиле преку Програмата за самовработување 75 проценти се уште се во работен однос.