Со летови два пати неделно, секој вторник и четврток, од први ноември Атина и Скопје авионски се поврзуваат, преку грчката „Aegean airlines“, според потврдената информација од авио компанијата.
Распоредот на летови е од 1.11.2018 до 28.03.2019 бидејќи тоа е зимската програма на компанијата, а дополнително, ќе биде објавен и летниот распоред. На сајтот на „Aegean airlines“ веќе има можност за резервација на билети.
Двете престолнини ќе ги поврзе авион на „Olympic air“, подружницата на „Aegean airlines“, а летовите ќе бидат со авион „Q400“ со капацитет од 78 патници.
Авионот, секој вторник од Атина ќе тргнува во 9 часот по локално време, а во 9.45 од Скопје по македонско време.
Во четврток, летот од грчката престолнина е во 18.40 часот, а од македонската во 19.25 часот.
Од Скопје до Атина и обратно, ќе се стигнува за 1 час и 15 минути.
Во октомври минатата година, грчката авиокомпанија „Aegean airlines“ на прес конференција соопшти дека во 2018 ќе се воведен директен лет Скопје Атина, а македонската престолнина беше една од новите 11 дестинации.
Македонската и грчката престолнина повторно ќе се поврзат по повеќе од 10 години пауза.
Од 2003 година, неколку години постоеше директно авионско поврзување меѓу Скопје и Атина, со редовна линија, пет пати седмично, што беше прекинато, а бизнис заедниците од Македонија и Грција минатата година бараа одново да се воведе лет.
„Aegean airlines“ веќе лета речиси во сите главни градови во земјите од поранешна Југославија, но и во некои помали, но туристички дестинации.
Промената на името на скопскиот аеродром беше првиот и клучен чекор за да се отвори патот за воздушно поврзување на Скопје и Атина.
Во интервју за МИА, пред 2 месеци, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, во чија надлежност беше повторното авио поврзување на Скопје и Атина, рече дека тоа многу брзо ќе биде реалност.