Членови на Форумот за демократска Македонија (ФДМ) од Њујорк синоќа оствариле средба со заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, кој е дел од македонската делегација на 73. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
Како што информираат од ФДМ, Жерновски ја поздравил работата на Форумот и ја истакнл позитивната улога што неговите членови ја имаат во проектирањето на позитивна слика за дијаспората од Македонија.- Тој ги поттикнал членовите и понатаму да делуваат натпартиски и да продолжат со конструктивните критики кон власта во Македонија, се наведува во соопштението објавено на фб страницата на ФДМ.
Членовите на ФДМ, пак, го запознале заменик министерот со тековните конзуларни и административни проблеми со кои се соочуваат македонските државјани што живеат надвор од Република Македонија, како архаичниот и долготраен процес на издавање македонски пасоши во дипломатско-конзуларните претставништва.
Во пресрет на гласањето за референдумот во сабота на 29 септември, членовите на ФДМ побарале да се обезбедат услови за непречено и слободно гласање и почитување на тајноста на гласот. Побарале и промена на регулативата, која налага задолжително пријавување на дијаспората пред секое гласање, како и да се отстранат недоследностите во Избирачкиот список.
Од ФДМ наведуваат и дека повеќекратните обиди да остварат средба и со претседателот на државата Ѓорѓи Иванов, останале без одговор од неговиот Кабинет.